hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

„Шпанската фурија„ пресилна за црвено-жолтите

kire 0304

Квалификации за ЕП - Данска 2014

Македонија - Шпанија 17:24 (7:13)

Гостувањето на светскиот првак Шпанија го оправда епитетот ракометен спектакл во нашата земја, слично како пред една и пол деценија кога Хрватска гостуваше во Скопје како олимписки шампион. На дебито селекторот Обрван им даде доверба на Недановски (во стартниот тим) и на Кузмановски, Мајнов и Ангелов за разлика од тимот кој настапуваше на светското првенство. Уште од првиот напад Арпад Штербик најави дека е во голема форма.

Во втората минута Хорхе Македа го отвори резултатот во свој стил со удар од чекор. По изнудениот седмерец од Миркуловски, Штербик го прочита Лазаров од седум метри. Дополнително повиканиот пивотмен Баена погоди од линијата, пак по одличната интервенција на голманиот на Барселона, Штербик (0:2). Неверојатно цврстата одбрана на шпанците потсеќаше на мундијалското финале со Данска на 28 јануари. Скоро па невозможна мисија беше да се даде лесен гол, а и кога ќе се пробиеше одбраната на Ривера, требаше да се совлада Штербик. Така по 9 и пол минути без постигнат гол, по лоб ударот на Ривера јуниор од крило при 0:3, Обрван побара тајм-аут. Но работите не се сменија ни по минута одмор. Миркуловски загуби топка во нападот, а Штербик и Томас лесно комбинираат за 0:4. Дури во 10:41 Миркуловски со соло акција го „скрши мразот„ Недановски како втор пивотмен се придодаде за 2:5 во 14 минута. Полека го баравме рецептот за играта во нападот и Темелков од линијата погоди за 3:6. Но секој обид за наше доближување го блокираше Штербик и откако го прочита и Димовски, пак Виктор Томас од контра погоди за 3:8. Со својот втор гол Филип Миркуловски го постигна само нашиот четврти гол во неполни 20 минути (4:8). Борко Ристовски одбрани две топки и по трет пат Миркуловски ја матира шпанската одбрана (5:9). Но половина минута подоцна Баена погоди од пивотменска позиција за +5 со исклучување на Ацо Јоновски. Наумче Мојсоски од седмерец го постигна првиот гол во 26 минута за 6:11. Но шпанската „црвена фурија„ погодуваше од секаде и со целиот свој арсенал. Така младиот Монторо со два гола во финишот на првиот дел ја одржуваше двојната дистанца за гостите (6:12). Капитенот Кирил Лазаров се повреди и својот меч го заврши по неполни 20 минути. Филип Лазаров од уште еден седмерец спушти на -5. Токму со тие 7:13 се отиде на одмор, со доминантни 30 минути на светскиот првак, кој како да продолжи таму каде што застана во Барселона пред 70 дена.

Вториот дел започна со Петар Ангелов на голот на нашата репрезентација, но првиот упатен удар од Антонио Гарсија заврши зад неговиот грб (7:14). Димовски по три и пол минути во вториот дел го постигна нашиот прв гол во второто полувреме (8:14). Петар Ангелов одбрани две топки и се обиде на ја подигне публиката и соиграчите. Така по неколку грешки на двете страни, Гоце Георгиевски го постигна својот прв гол за 9:14. Но нашите технички грешки брзо му овозможија на Томас да ја врати највисоката предност на шпанците (9:16). Возвративме со два врзани гола на Н. Мојсоски и Георгиевски за 11:16 во 41 минута. Но Ривера пак не спушти на земја и со уште два гола го примора Обрван на нов-тајм при 11:18. Со својот втор гол Владо Недановски ги прекина нашите пет минути без постигнат гол (12:18). Раул Ентрериос како втор пивотмен за прв пат предноста ја донесе на 8 гола (13:21). Темелков и Стоилов погодија и на 8 минути до крајот, намаливме на 15:21. До крајот Монторо ја подигна „летвичката„ на +8, а само Ангелов ја подобри својата статистика. Победа на рутина на пресилната Шпанија на Валеро Ривера против Македонија која ни од далеку не го даде максимумот. Во нашиот тим Миркуловски постигна 3 гола, а кај шпанците Томас, Баена и Монторо собраа по 4 гола и плус неверојатниот Штербик имаше 13 интервенции. Деновиве ќе се знае сериозноста на повредите на Лазаров, Миркуловски и Недановски. Посилна репрезентација од оваа денес облечена во бело-црвени дресови, веројатно не гостувала во нашата земја и нивната победа е кристална и потсеќа на ракометна лекција.

Во нашата група утре играат Швајцарија и Португалија, а нашиот нареден натпревар е в недела во Гвадалахара против најсилните во светот, шпанците на Велеро Ривера.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:

 

You need to a flashplayer enabled browser to view this YouTube video

Share