Лазаров се врати на терените, Нант пресилен за Сант Рафаел
Нант - Сант Рафаел 38:32 (17:14)
Првпат во новата 2022 година, најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров одигра минути на официјален натпревар. По повредата на еден од последните тренинзи пред стартот на Европското првeнство во Дебрецен, Лазаров одигра дел од натпреварот од 16. коло на француското првенство против Сант Рафаел, кој Нант го доби со 38:32.
Нант доминираше во првите триесет минути, на моменти имаше 4-5 голови предност, а на одмор замина со солидни 17:14. Второпласираниот тим на табелата во продолжението ги контролираше играта и резултатот и не дозволи противникот да донесе драматичен финиш.
Кире Лазаров не се запиша во листата на стрелците, но имаше неколку минути на терен, по кој ја почувствува динамиката на натпреварите по неколку одработени тренинзи со екипата.
Францускиот репрезентативец Емерик Мин со седум гола беше најефикасен на средбата, а српскиот пивотмен Пешмалбек пет пати се запиша меѓу стрелците. Кај Сант Рафаел Вадим Гајдученко беше најефикасен со седум гола.