Втора победа на Нант на тест дуел против Сесон Рен
Нант - Сесон Рен 38:28
Нант забележа уште една убедлива победа во претсезонскиот дел, откако во својот дом со десет гола разлика, со 38-28 славеше над тимот на Сесон Рен. Неколку дена по откажаната контрола со ПСЖ поради позитивен случај на ковид-19 во Нант, Лазаров и соиграчите повторно излегоа на мегдан против новиот прволигаш, декласирајќи го Сесон Рен.
Тренерот Алберто Ентрериос шанса за докажување им даде на сите расположени ракометари, а и покрај тоа Нант доминираше од самиот почеток против новиот прволигаш и заслужено запиша нова двоцифрена победа. Кирил Лазаров на паркетот мина само неколку минути, но успеа да запише два гола. Кај победничкиот тим се истакнаа Ривера со осум и Брие и Аугустинсен со по пет погодоци.
Новата сезона во Франција и во Лигата на шампионите планирана е да започне во втората половина од септември.