Школата „Кирил Лазаров 7“ започна со работа и во Битола
Во прекрасен амбиент во спортската сала на ОУ „Климент Охридски" се одржа првиот тренинг на школата на капитенот во Битола. На првиот час по ракомет му претходеше средба на родителите и нивните деца со претставници од организацијата на школата на капитенот „КМГ Спорт".
Во пријатна атмосфера тие се информираа за функционирањето на школата и се запознаа со даскалите по ракомет кој се дел од тренерскиот тим на Лазаров. Ним добро пoзнати нивни сограѓани, битолчаните Кирил Атанасовски и Борче Марковски. Првиот, некогашен ракометар кој својата кариера ја создаваше и надвор од границите на Македонија, своевремено и наш репрезентативец. Вториот, човек кој ги има сите можни едукативни степени за најпопуларниот спорт во земјава. Овој професорски тренерски тандем ќе работи со децата во двете групи кои заради големиот интерес се формираа во Битола.
Освен во ова училиште тренинзи децата од школата на капитенот ќе имаат и во салата на ОУ „Коле Канински", и двете групи ќе тренираат три пати седмично.
Битола дала големи ракометни имиња, се надеваме дека од нашата школа ќе се роди некое ново име кое еден ден ќе биде дел од македонската спортска историја.