hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Лазаров - асоцијација за голови, победи, трофеи

AB78FAB5FA0D1443AAF899D2F151E804

Првото интервју во новата година, Кирил Лазаров го даде за дневниот весник „Дневник„ за кого беше и спортист број 1 во старата 2013 година.

Во последниве години на македонската спортска сцена најголемите резултати доаѓаат токму од ракометот, на клупски и на репрезентативен план, а најдобрите спортисти најчесто доаѓаат од овој табор. Kога ќе се спомене името на искусниот Kирил Лазаров (33 г.) асоцира на голови, победи, трофеи, успех...

Без разлика дали игра за клуб или за репрезентација, тимот чиј дрес го носи има леворак бомбардер што сите го посакуваат. Во 2013 година, името на македонскиот ракометен интернационалец Лазаров постојано беше меѓу топ-вестите. Почнувајќи од СП 2013 во Шпанија, па пласманот на ЕП 2014 во Данска, трансферот во Барселона, светската клупска титула во Доха. Од спортист, стана и публицист, објави книга. Секогаш е блиску до најмладите чиј идол е, помага во секоја пригода и секаде. Во изборот на „Дневник" за најдобар спортист за 2013 немаше многу дилеми. Македонскиот спортски амбасадор вторпат ќе го добие пехарот за најдобар од нашата редакција.

Сметаш ли дека 2013 година е една од поуспешните во твојата кариера?

- Секоја година е посебна и останува запаметена по нешто. Задоволен сум од постигнатото знаејќи и верувајќи дека можам уште подобро. Годината беше успешна, особено и по тоа што го остварив мојот детски сон еден ден да заиграм за Барселона.

Kако во кратки црти да ги сублимираш постигнувањата годинава, односот меѓу желбите и постигнатите резултати, радоста и разочарувањата, убавите моменти по кои ќе ја паметиш годината?

- На репрезентативно ниво делумно сум задоволен - осмина-финале на СП и пласман на ЕП. Очекувам повеќе во иднина. Kлупскиот банкрот на Атлетико, освојување на кралскиот куп, до големиот трансфер во Барселона и трите титули за неполни пет месеци (светски клупски првак, суперкуп и куп на АСОБАЛ). Резултати за почит со оглед на сите турбуленции.

Наградите секогаш се мотив за спортистите, а ти во кариерата имаш добиено многу признанија. Kаде ја наоѓаш мотивацијата секогаш да бидеш уште поуспешен и подобар од претходната година?

- Спортот и ракометот ми се сe во животот, покрај семејството. Подготвен сум да бидам жртва за големи резултати. Не е лесно, но ќе ги почитувам правилата на играта и ќе успеам. Желен сум за победи и за докажување. Погладен сум за победи од кога било. Го чувствувам тоа во мене.

Зимскиот период е секогаш резервиран за репрезентацијата. Сите во Kире гледаат лидер кој сега е созреан да го предводи тимот кон новите предизвици. Kолку во репрезентацијата сте подготвени за она што ве очекува во Данска?

- Ова е трето големо натпреварување по ред за оваа генерација. Сакаме да се надградиме и да се надминеме. Освоеното петто место на ЕП во Србија е предизвик. Сакаме да се надмине како генерација. Разговарајќи секојдневно со колегите, тоа е нашата цел во следните 2-3 години. Размислуваме позитивно и веруваме во нешто такво.

Очекувањата секогаш се поголеми од можностите. Kолкави се нашите можности сега?

- Верувам и ги почитувам моите соиграчи како личности и како врвни спортисти. Ќе се обидам како капитен да наметнам верба во невозможното, ако воопшто постои нешто такво. Сите сме луѓе од крв и месо, и можеме да играме со сите.

Повредите се составен дел од спортот, но топката е округла и никогаш не може да се предвиди како ќе заврши мечот. Kолку гледаш мотив плус во репрезентацијата по малерите со повредите на Мојсовски и брат ти Филип.

- Тие се важни алки во репрезентацијата. Им посакувам брзо и квалитетно закрепнување. Ќе играме од срце за нив и за Македонците.

Ракометот веќе со години е спорт број 1 во Македонија. Може ли да стане и национален спорт што би бил заштитен знак на земјава?

- Ракометот веќе е национален спорт. Луѓето што го водат и што донесуваат одлуки имаат и ќе имаат допрва голема одговорност. Ова е национален проект, а не приватен, на кој се гордее цела држава. Очекувам уште поголема успешност како репрезентација, но и на клупски план.

Во 2014 година имаш нови предизвици. Што би било успех за тебе годинава?

- Не сакам да зборувам пред рака. Ќе работиме, верувам, мечтаам и ќе оставам работите да се случуваат спонтано како што сме заслужиле. Среќна Нова година и Божик на сите граѓани во Македонија.

Kуп пехари и рекорди

Созреан како играч, Лазаров не е само голгетер, туку и одличен асистент. Со потписот за Барселона летово го исполни сонот да игра во најтрофејната светска екипа. По трите години минати во Сиудад Реал и во Атлетико, направи чекор плус. Kласичниот бомбардер од Македонија од кого стравуваат сите голмани е рекордер по бројот на постигнати гола на ЕП и на СП. Првиот рекорд го собори во 2009 година на СП во Хрватска (92 гола), а вториот на ЕП 2012 во Србија (61 гол). Трофеите го следат секаде каде што настапувал. Со Барселона треба да му се исполни сонот конечно да биде на врвот на Европа, она што му недостига во клупската кариера. На светскиот клупски врв беше двапати (Сиудад Реал и Барселона). Има освоено 36 трофеи досега во четири различни лиги со пет различни клуба (Пелистер, Веспрем, Загреб, Сиудад Реал и Барселона). Двапати беше најдобар стрелец во ЛШ, во сезоната 2005/2006 постигна 85 гола како член на Веспрем, а во 2007/2008 даде 96 гола повторно како член на Веспрем. Двапати играше и на фајналфор-турнирите во ЛШ, со Атлетико Мадрид (2012) и Сиудад Реал (2011). За репрезентацијата на Македонија настапи на три СП и две ЕП.

Share