hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Лазаров за ЕКИПА: „Да не беше „Гужва„ немаше да бидам тоа што сум„

lazarov intervju ekipa

Во интервју за сите ракометни теми и меридијани за магазинот ЕКИПА, капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров открива многу детали поврзани со нашата репрезентација, односот со неговиот брат Филип и амбициите кои воопшто не згаснуваат. Пренесуваме дел од долгото интервју на новиот ракометар на Барселона за овој магазин.

„Ние во последните четири години направивме многу работи, станавме учесник на големите натпреварувања, а воедно и покажавме дека можеме да играме против големи репрезентации, па дури и да ги победуваме. Да не заборавиме дека бевме егал со една Данска, дека славевме над Полска, Русија... Е сега, доаѓа дуелот со Шпанија, репрезентација која е светски првак, но најмногу затоа што мундијалот се одржа токму во оваа земја. Друга работа е што Шпанците дојдоа во Скопје сериозно ослабени, без неколку многу значајни ракометари, па сепак во двата меча успеа да не совлада со вкупно дваесетина гола разлика. Многу време сум во репрезентацијата, имам вложено многу во националниот тим и ме боли кога ќе се загуби на ваков начин. Она што најмногу боли е што по два порази од вкупно „минус дваесет" ние не изразуваме незадоволство. Тоа е лош предзнак, ние сите требаме да бидеме незадоволни – од стручен штаб, преку ракометари, структури во РФМ и на крај целата јавност.

Не е срамно да загубиш од Шпанија, но неизразувањето не незадоволство е лош предзнак за иднината. Велиме дека отсега ќе биде подобро, но не е добро, тоа не треба да се заборави. Мораме да ги исправаме грешките. Против Шпанија немавме ниту план А, ниту план Б, ниту план Ц. Не само што претрпевме убедливи порази, туку и не добивме јасна визија околу играта, околу она што имаме, а што ни недостига. Последните четири години создававме база, точно знаевме кој што и зошто работи, секој репрезентативец си ја знаеше својата улога, нешто што експресно го загубивме во двомечот во Шпанците. Ако тоа не го поправиме во следните денови, нам не ни се пишува ништо добро. Револтиран бидејќи се скрија работите, бевме незадоволни бидејќи не се пласиравме на ОИ во Лондон, а двата убедливи порази во Шпанија ги прифативме како нешто нормално. Тоа е недозволиво, тоа е импровизација, ако продолжиме вака со сигурност кажувам дека се наоѓаме на тотално погрешна патека. Вака победници не живеат, успешни репрезентации не функционираат. Оние што ме познаваат добро знаат дека јас сум најголемиот критичар на Филип Лазаров и многу добро знам кои се неговите добри, а кои лоши страни. Апсолутно тврдам дека тој е исклучително талентиран ракометар, дури и поталентиран од мене, но поради низа фактори не успеал да го искористи и усоврши тој свој талент.

Една од причините е што не се задржал подолго време во странство, бидејќи таму се гради и се зацврстува карактерот. Лесно е да се игра и да се тренира во Скопје, па во меѓувреме да се дружиш со пријателите. Треба да се обидеш во странство, кога си осамен и кога единствената работа што те тера напред е да успееш во кариерата, да направиш уште еден чекор напред во сопственото усовршување. Проблемот не само на Филип, туку и на уште многу наши ракометари е што не го направиле тој следен чекор, да минат подолг период надвор од Македонија и таму да се усовршуваат на ракометен план. „Имам работено со навистина огромен број на врвни стратези и можам да кажам дека сите ги почитувам, но ако треба да издвојам само еден, тоа дефинитивно е Никола Јевремовиќ. Станува збор за тренерот што ме водеше додека бев многу млад во таборот на Пелистер и кој ми помогна да го создадам спортскиот карактер. Се сеќавам како едно време мислев дека човекот ме мрази, дека затоа цело време ми зборува, ме критикува... Навистина се жртвував во тој период, наутро одев на тренинг од Свети Николе во Битола, па се враќав назад, одев во училиште, па ако требаше ќе побегнев од некој час за да стигнам за вечерниот тренинг на Пелистер. Давав се од себе за да успеам, а Јевремовиќ цело време ме критикуваше. Не можев да разберам што се случува, во тој момент ни на крај на умот не ми беше дека тренерот ми помага да го изградам својот карактер, да настојувам да бидам подобар на секој следен тренинг, на секој следен натпревар.

Од сегашна перспектива тоа ми е многу јасно и бескрајно сум му благодарен за трагот што го остави врз мојата кариера. Душан Новокмет е играч што многу ми помогна со некои ситници, со некои детали во играта додека јас се развивав како ракометар во Пелистер. Бев млад и советите ми беа добредојдени, а Новокмет беше тука за да ми помогне" вели Лазаров во разговорот со новинарот на ЕКИПА Стеван Цаневски.

Комплетното интервју можете да го прочитате во најновиот број на магазинот ЕКИПА

Share