ВИДЕО: Агинагалде: „Изгинавме на терен, на овој турнир нашите голмани се одлични„
Пред мечот селекторот на Шпанија, Каденас најави дека Агинагалде може да биде клучен ракометар за разбивање на одбраната на данците и ракометарот од Баскија ја оправда таа улога на џокер и даде голем придонес во триумфот. Но тој ја издвои борбата на екипата и одличните голмани, кои го покрија неиграњето на Арпад Штербик заради повреда:
„Ја издвојувам нашата голема борбеност, изгинавме за секоја топка. Тоа е она што ја краси оваа селекција. Мислам дека со тоа ја заслуживме победата против една моќна селекција како Данска. Гонзало и Сиера се одлични голмани. Секако и Штербик, но на овој турнир нашите два голмани покажуваат одличен квалитет и многу ни помогнаа да стигнеме во полуфиналето„ истакна по мечот кружниот напаѓач на Киелце и бившиот соиграч на Лазаров од Атлетико Мадрид, Јулен Агинагалде. Расноврсноста во играта на шпанците, но пред се одбраната и Гонзало Перез де ла Варгас ја изненадија Данска, која немаше течен ритам и делуваше лимитирано. Сигурно тоа е по заслуга на момците на Каденас. В петок против Франција веројатно ќе треба слична, ако не и подобра партија за пласман во финалето.