Лазаров: Ќе му се понудам на Раул, ако треба ќе играм среден бек
По поразот на македонската репрезентација во Кожани, попладнево нашиот национален тим се собра во хотелот „Александар Палас". Во видно помирен амбиент машката сениорска репрезентација ја имаше првата средба, па потоа и првиот тренинг.
Капитенот Кирил Лазаров испрати порака што очекува од овие подготовки.
„Се наоѓаме во еден нов циклус, со една нова подмладена репрезентација. Треба прво да се собереме да почнеме со тренинзи, па после да видиме. Треба да бидеме добро и физички подготвени, а немаме многу време за таа работа и не смееме да се впуштаме во некои ветувања. Треба да одиме натпревар по натпревар. Сега треба да размислуваме само за првиот меч со Јапонија, па после за се друго. Mожам да му се понудам на Раул како среден бек затоа што во одреден дел од сезоната во Нант одиграв и на таа позиција. Имаме квалитетен стручен штаб, квалитетни луѓе со големо искуство, ќе има и победи и порази, но важно сите да влезат во тој систем на натпреварување и да знаат и со притисок и без притисок", вели Лазаров.
Македонија на Мундијалот ќе игра во група заедно со Шпанија, Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин, а трите најдобри ќе продолжат во наредната рунда.