hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

05.07.2014 Антена

kirea1

Ако љубовта се чита од очите, тогаш зборовите се излишни. Еден поглед зборува сe. Таа умее да препознае кога му е потребен одмор да ја поврати својата енергија. Тој го знае вистинскиот миг да ја поведе со себе на долги прошетки покрај морето. Македонската ракометна гордост Kире Лазаров ја запознал својата сопруга Љубица, кога имал 17 години. Поради неговата професија, живот им е исполнет со патувања. Живеејќи според мотото дека „жената се грижи за домот и семејството, а структурата ја поставува мажот", секоја промена не им го нарушува мирот. Напротив за нив таа е само новоискуство со повозбудливи мигови. Од минатата година нивниот дом се наоѓа во Барселона, поради ангажманот на Kире во најелитниот ракометен европски клуб со истоимен наслов. Градот во кој како што велат, животот личи на бајка.

Вљубеници сме во морето

Поголем дел од летото го минуваат во Македонија. Нивниот семеен дом е во Скопје. Но, постојано се на релација или до Свети Николе родниот крај на Kире, или до Гостивар, градот каде што е родена Љубица. Да ги посетат најблиските и другарите од детството. Се сретнавме ден пред нивното заминување на одмор во Дубровник, Хрватска. „Во последниве пет години традиционално одиме на летување во Дубровник кој ни „легна" како град. Се вљубивме во него. Стекнавме пријатели, а и морето е прекрасно и не би го менувале. На шега им велам на пријателите дека се правиме патриоти бидејќи имаме проблеми со името, се бориме, а тоа не го покажуваме на дело. Едвај чекаме да дојде четврток и веднаш да се упатиме кон грчката граница. Засега летувањето во таа земја не ни е предизвик„ вели Kирил на почетокот од нашиот разговор.

Двајцата се големи вљубеници во морето. Затоа се среќни што нивниот дом во Барселона е оддалечен само 150 метри од плажата. „Променивме повеќе места на живеење но секаде се чувствувавме убаво. Имаме прекрасни спомени и од Веспрем, Унгарија каде што живеевме во помладите години. Додека играв во Загреб, толку се врзавме за тој град што во тоа време тешко се разделивме од него. Во Шпанија се селевме од помало во поголемо место. Сиудад Реал е помал град каде што се живее за ракометот. И во Мадрид поминавме една прекрасна година. На крај, како во некое филмско сценариото стигнавме и до Барселона. Покрај професионалното задоволство ни се нуди можност да уживаме и приватно. Kога сум слободен, често со сопругата одиме на плажа. Децата во тоа време се на училиште, и успеваме да украдеме мигови само за себе„ открива тој.

kirea2

Шпанците се искрени пријатели

Тренинзи, патувања, натпревари. Тоа е животот на еден професионален спортист. Љубица ги негира тврдењата дека жената во таква брачна заедница е жртва. „Да се биде жена на Kире за мене е среќа, радост и задоволство. Љубовта, разбирањето и почитувањето се најважни во една брачна заедница. По природа сум позитивна личност. Не се фокусирам на нештата што може да дејствуваат негативно или би ја нарушиле нашата заедница. Ги гледам само убавите нешта. Во нашиот брак не постои зборот жртва, туку само љубов„ вели неговата сопруга. Ако „најубавиот храм на човештвото е срцето на една жена", тогаш тој што умее може да си најде и спокој во него. „Љубица ја запознав на 17 годишна возраст, постара е од мене две години. Таа ја познава мојата работа. Знае колку е голем влогот за да се стигне таму каде што сум и уште повеќе да се напредува.

Никогаш сме немале проблеми за распределбата на обврските. Без да кажам, таа умее да препознае кога ми треба одмор. Kога треба да бидам осамен за да се тргнам од се и да размислам што и како понатаму. Тоа е голема предност. Ако во тие мигови не постои разбирање, тогаш ќе се изгуби енергијата. Му благодарам на Господ што многу добро функционираме„ открива ракометарот. Додека разговараме вниманието постојано ни го одвлекуваат нивните деца Благојче (8,5) и Лана (6,5). Играта им заврши и седнаа до нас. Првиот „позитивен шок" пристигна само по неколку минути. Со типична детска искреност харизматичното синооко дете ни се обрати: „ Еве дојдов, прашајте ме што сакате". Со тоа ни стави до знаење дека го послушал советот на својот татко „ ако ве прашаат нешто, слободно зборувајте". Ни откри дека е трето одделение во „Франгоал" во Барселона. Одлично зборува англиски, каталонски и шпански, исто како и неговата сестричка која е прво одделение во истото училиште. Посетува часови по карате и фудбал. Најмногу ги сака животните, особено кучињата. Најголема желба му е да стане ветеринар. Лана тренира ритмичка гимнастика. Тие се најжешките навивачи на својот татко. „Со еден збор, Kире е татко и сопруг како што се посакува. Секој слободен миг го поминува со семејството. Одиме на најатрактивните места во Барселона или во природа, бидејќи сме нејзини големи љубители„ појаснува Љубица.

kirea3

Сезона со нови предизвици

Пријателството не се одбира, тоа се случува. А, нивниот круг на пријатели постојно се зголемува. „Шпанците се позитивен и отворен народ без задршка. Тие се без предрасуди, слободоумни и комуникативни. Се дружиме со сите. И во Македонија имаме свои пријатели. Убаво е да бидеш во контакт со многу луѓе и да ги сослушаш, да споделиш мислење. Така се создаваат нови пријателства„ вели Лазаров. Вистинската тајна на среќата е да бараме многу од себеси, а сосем малку од другите. А тајната на успехот е во постојноста на намерите. Во новата ракометна сезона Лазаров повторно ќе си постави нови цели. „Барселона не ја освои најпосакуваната титула, да биде европски првак. На некој чуден и специфичен начин го изгубивме полуфиналето за кое живеевме. Бевме во голема предност пред натпреварот. Та релаксираност и опуштеност не чинеше многу. Ние како тим сигурно ќе влеземе поамбициозно во новата сезона и ќе атакуваме на сите можни титули. Приоритет ќе ни биде Лига на Шампиони.

Прерано е да се зборува, треба да се оди ден по ден, тренинг по тренинг, натпревар по натпревар„ појаснува Кирил. Во новата сезона ќе му биде многу полесно. Го надминал стравот од нова средина и адаптација. „Иако не сакав јавно да признаам минатата година малку ми беше страв од приспособувањето. Но, одиграв една добра сезона како индивидуално така и колективно. Освоивме многу титули. Очекувам следната да биде подобра на индивидуален план. Многу добро ја познавам играта на моите колеги и тие мојата. Ќе имам простор за уште поголем напредок во кариерата „ завршува тој.

Share