Одлично второ полувреме, Македонија го надигра жилавиот Израел
Македонија - Израел 31:28 (14:15)
Македонската ракометна репрезентација ја забележа третата победа во третиот контролен натпревар пред Европското првенство. Овој пат одигравме добро второ полувреме за триумф над Израел од 31:28.
Во првиот дел Израелците беа одлични и на одморот заминаа со предност од 14:15. Но, работите се променија во вториот дел, во последните дваесет минути од мечот. Израел водеше со 18:20, кога направивме серија од 5:1, а Израел остана на тој единствен гол до 49. минута, кога првпат поведовме со+ 3. На крајот ја задржавме таа предност и славевме со 31:28.
Тринаесет ракометари се запишаа како стрелци барем еднаш, а најефикасни беа Ненад Костески со пет гола, Филип Талески и Цветан Кузманоски со по четири. Попладнево не настапија Никола Маркоски, Бојан Маџовски, Жарко Пешевски, Марко Митев и Костадин Петров.
Утре попладне од 18:00 часот Македонија и Израел ќе го одиграат и вториот контролен натпревар во Скопје.