Краков подготвен за големата ракометна приредба
Град накитен и обоен во симболите на европското првенство денес ќе ги дочека македонските ракометари во Краков. Лазаров и другарите попладнево со чартер лет од Скопје ќе пристигнат во Краков со желба да останат што е можно подолго. Градот каде ќе се играат и завршните натревари на европското првенство целосно е во знакот на црвената боја и на раката со пет прсти, која е маскота и симбол на првенството.
Најубавиот полски град деновиве е со температура околу нулата, а врнежи од снег и пониски температури се очекуваат за време на викендот. Фан зоната, каде ќе се загреваат и дружат македонските навивачи, ќе биде баш во центарот на градот, блиску до стариот град, каде ќе бидат и најголемиот дел од навивачите на четирите селекции кои ќе ја играат првата фаза во Краков. Билети за шесте меча во А групата одамна нема по регуларен пат, а нема ниту големи опции да се купат на црниот пазар во Краков, бидејќи полските навивачи од целата земја успеја многу одамна да ги обезбедат.