Георгиевски: „Штета што го разбранивме Штокл„
Автор на два гола, крилниот репрезентативец Гоце Георгиевски беше среќен, но и уморен во своите коментари поврзани со ремито со Чешка. Видно беше дека жали за нереализираниот зицер кога се кршеше резултатот, но опциите за втората фаза се во наши раце:
„Штета што не успеавме да победиме бидејќи во неколку наврати имавме предност од три гола. Чесите сепак успеаја да се вратат, го разбранивме нивниот голман и им ја зголемивме самодовербата во самиот финиш од мечот. Но, ова реми не е лош резултат, бидејќи сепак се наоѓаме во добра ситуација, а со евентуален триумф над Австрија во третото коло би пренеле два бода во следната фаза. Се чувствуваме подготвени за предизвикот, играме се подобро од натпревар во натпревар и очекувам да славиме против Австрија, иако ни е јасно дека нема да имаме нималку лесна задача", рече во микс зоната Гоце Георгиевски.