Реми како победа за Унгарија против Норвешка
Голема драматика во двата натпревари од третото коло во Б групата во Алборг. Најнапред Шпанија покажа зошто е светски првак и кога се „кршеше„ резултатот направи серија за победа против многу моќниот Исланд. Нема дилеми дека Каденас ја пронаоѓа вистинската димензија на оваа десеткована Шпанија. Посебно силно делуваше десната страна на „црвената фурија„ каде Македа со 7 и Томас со 5 гола беа клуч на успехот.
Кога по израмнетиот прв дел, резултатот гласеше 16:15, на стартот на вториот дел „рибарите„ направија серија 6:1 и на крилата на Палмарсон поведоа со 23:21 и дури имаа напад за +3. Но шпанската одбрана фантастични ги неутрализира шутерите, а Македа и Канељас до врв ја наполнија мрежата на Густафсон за финални 33:28. Сиера и Гонзало имаа вкупно 17 интервенции, а кај Исланд тандемот Палмарсон (8) и Сигурдсон (7) не беше доволен за пресврт. Подоцна мечот на Унгарија и Норвешка беше типичен трилер, бидејќи пораз ни една од двете репрезентација не смееше да си дозволи. Унгарија имаше целосна контрола и водство од 2-3 гола во текот на целиот меч. Кога на две минути до крајот момците на Мочаи поведоа со +3 се чинеше дека се е готово, но норвежаните не се предаваа и стигнаа до реми со човек повеќе на половина минута до крајот. Унгарците како-така ја сочуваа топката и го „визираа„ билетот за втората фаза.
Мечот заврши 26:26, а во унгарската репрезентација се издвоија Лекаи со 7 и Часар со 6 гола, а кај норвежаните Тведтен со 7 и Кристијан Кјелинг со 6 гола одскокнаа повеќе од останатите. Нема дилеми дека норвежаните беа на неколку меча многу блиску до една победа, но и со Исланд, посебно со Шпанија и Унгарија деталите и среќата не беше на нивна страна.