Лазаров: Швајцарија е фаворит, но ако поправиме некои сегменти можеме до победа
Македонската ракометна репрезентација се подготвува за последниот натпревар на Европското првенство. Противник на нашите ракометари ќе биде селекцијата на Швајцарија, која забележа одличен резултат играјќи нерешено со Франција во второто коло.
Пред денешната тренинг сесија во „Макс Шмелинг Хале" натпреварот го најави селекторот Кирил Лазаров.
„Швајцарија одигра реми со олимпискиот шампион, Франција. Покажаа дека имаат голем квалитет и имаат големи амбиции. Ќе имаме тежок дуел со екстра-квалитетен противник, индивидуалци како Шмит, Зендер и Портнер, тука е и Робин, добар голгетер. Ако некаде имаме шанси, тоа е дуелот со Швајцарија. Ќе им ја препуштиме ним фаворитската улога, а ние ако се поправиме во некои сегменти, мислам дека можеме да дојдеме до успех. Мора да ги сведеме грешките на минимум или воопшто да ги нема. Некогаш и противникот ве наведува да грешите, ќе мораме со добра одбрана „шест на шест" да дојдеме до позитивен резултат", изјави Лазаров.
Последниот натпревар од групната фаза против Швајцарија е на програмата утре во 18:00 часот.