Лазаров: Германија заслужи победа, со ваков пристап нашата мисија е невозможна
Со поразот од Германија најдобрата македонска репрезентација е елиминирана од Европското ракометно првенство.
За избраниците на селекторот Кирил Лазаров останува да се одигра и последниот трет натпревар од групата A против Швајцарија која сигурно ќе има огромен натпреварувачки мотив после ремито со Франција.
Последниот меч нашите најдобри ракометари ќе го играат на 16 јануари во вторник од 18.00 часот во „Мерцедес-Бенц Арена" во Берлин.
„Честитки до Германија, ја заслужи победата. Тие се на повисоко ниво од нас, тоа го докажаа и против Швајцарија. Не бев задоволен од играта на мојата репрезентација, повторно направивме повеќе од петнаесет грешки, технички грешки, и со таков пристап станува невозможна мисија да играте против една Германија. Ни следува еден ден одмор, ќе се обидеме да бидеме подобри против Швајцарија која има исто така добар тим и искусни играчи", рече Лазаров.
Утре нашите ракометари ќе имаат попладневен тренинг и подготовка за последниот натпревар од групата, во вторник против Швајцарија од 18:00 часот.