Реми на Грција и Македонија во првиот контролен натпревар во Солун
Грција - Македонија 29:29 (12:15)
Ракометната репрезентација на Македонија одигра 29:29 на гостувањето кај Грција во првиот од двата пријателски натпревари кои се играат во Солун. Македонската репрезентација со гол на Ненад Костески во последните секунди се избори за реми.
Во првото полувреме Македонија имаше сигурна предност, во еден период водевме и со пет голови разлика, беше 11:6. На полувремето се замина со 15:12 за нашата репрезентација.
Одлично го почнавме и вториот дел, ја вративме предноста од пет разлика, 17:12. Но потоа следуваа грешки кои ги користеа Грците и изедначија на 21:21. Грција комплетно го сврте мечот, беше 29:27 за нив, но со голови на Филип Кузмановски и Костески, Македонија дојде до реми.
Вториот пријателски натпревар Македонија и Грција ќе го играат во истата сала, утре со почеток во 17:30 часот.