Египет пресилен, Македонија ќе се бори за бронза на Медитеранските игри
Македонија - Египет 20:34 (10:16)
Ракометната репрезентација на Македонија загуби од Египет со 20:34 (10:16) во полуфиналето на Медитеранските игри во Оран.
Египѓаните го отворија мечот со два врзани гола. На сцена стапи Марко Кизиќ, кој влезе во мини серија со две одлични интервенции на голот, но нашиот напад не беше на ниво. Египет брзо поведе, а потоа со мини-серија се избори за водство од 4:1. Нашите противници постојано ја зголемуваа предноста, а ние гоневме резултат. Во 24. минута ракометарите на Македонија испуштија контра за враќање на негативата на еден гол, но не ја реализира и „потонаа" во криза која што на противникот му донесе убедливо водство на полувреме од шест гола разлика (16:10).
Во продолжението веќе беше јасно кој ќе биде победникот, а крајната разлика воедно беше највисока за ривалот на мечот.
По пет девет минути игра во второто полувреме, Египет дојде на 12:22. Лазаров веднаш повика тајм-аут. Нашите момци не успеаја да се вратат од големата негатива, Египет наметна силно темпо, кое едноставно беше недостижно. На седум минути до крајот резултатот гласеше 19:31, а најголемата негатива беа конечните 20:34.
Павле Атанасијевиќ, Џонов, Стојковски и Јагуриновски со по три гола беа најефикасни во нашиот табор, а кај Египет се истакна Санад со осум погодоци.
Во второто полуфинале на Медитеранските игри во Оран ќе се сретнат Шпанија и Србија. Поразениот од овој дуел в среда ќе се сретне со Македонија, додека победникиот ќе игра за злато со Египет.