Капитенот го почнува проектот „ракометна школа“
Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров почнува нов проект, кој е директно поврзан со ракометната иднина на нашата земја. Имено, со почетокот на школската година, почнува и ракометната школа низ цела држава.
„Почитувани спортски пријатели, Сакам да ви соопштам дека со почетокот на школската година јас и мојот тим почнуваме со нов проект наречен „ракометна школа" во повеќе градови низ нашата држава. Нашиот ракометен камп оваа година го имаше третото издание и од година во година се надградува и можам слободно да кажам дека успеавме да направиме препознатлив бренд, во кој што јас како носител на идејата заедно со мојот тим сме посебно задоволни и горди од зацртаното и оствареното.
Меѓутоа, работејќи и создавајќи го тој проект се појави нова идеа, која што сакаме да ја реализираме, а тоа е да бидеме присутни и да работиме квалитетно со македонските деца во текот на 365 дена во годината. Секој почеток е тежок, но предизвикот е голем. Се работи за иднината на нашите деца и нивно правилно насочување во животот од најмали нозе, а како крајна цел нивното изградување не само како спортисти туку и како личности. Неспорен е нашиот талент за спорт како Македонци, ќе се обидеме да го искористиме максимално. Време, трпение и поддршка ќе ми биде потребна, но ќе работиме стратешки целно и уникатно. Не сакаме да бидеме никому конкуренција, ниту да се споредуваме, сакаме да соработуваме со сите со заедничка цел за напредок на спортот и ракометот во МКД од најрана возраст.
Сите информации ќе ги добивате на нашата официјална фејсбук страница школа за ракомет „Кирил Лазаров 7" и во директен контакт со нашите тренери во кои имам потполна доверба.
Се гледаме во сала, спортски поздрав Кирил Лазаров