Лазаров: Напорно ќе работиме за да се подобриме во иднина
Македонија со победа го заврши својот шести Мундијал и нашиот финален пласман е 15-то место, исто како во Франција пред две години кога во осминафиналето загубивме од Норвешка.
Иако нашиот пласман не е така добар како во Катар и Хрватска, сепак е во линија со предвидувањата и очекувањата.
„Добија шанса некои млади играчи, почувствуваа како е да се игра на Светското првенство. Сепак, убаво е да се заврши со победа едно вакво натпреварување. Факт е дека сме една од најмладите селекции на овој Мундијал. Не треба сега веднаш да анализираме, треба да легнат малку работите, но јасно е дека не можеме да бидеме многу задоволни од настапот на Светското првенство. Одигравме и многу натпревари за мал период, така е тоа на турнирски систем. Сепак, не треба сега да оставиме на случајноста, туку напорно да работиме и понатаму за да бидеме подобри во иднина", истакна Лазаров.
Следното Светско првенство ќе се одржи во 2021 година во Египет, а Македонија во пресрет на Европското првенство следната година и баражот за Мундијалот, се наоѓа во добра позиција.