Исланд за нијанса подобар, Македонија не ја мина групата во Минхен
Македонија - Исланд 22:24 (13:11)
Македонија го претрпе и третиот пораз во низа во групата Б од СП 2019, откако денеска загуби од Исланд со резултат 22:24, не успевајќи да обезбеди пласман во втората рунда од овој Мундијал.
Натпреварот започна со ефтина наша грешка во додавање и гол на празна мрежа на Гунарсон. Брзо реагираа нашите ракометари ,Филип Лазаров и Пешевски го донесоа првото наше водство (2-1). Борко собра две одбрани, по еднаш погодија и двете крила за 4:1 во 8. минута.
Реагираа „рибарите" и постигнаа два гола преку Палмарсон и Гунарсон за 4:3. Густафсон му одбрани седмерец на Лазаров, а со уште еден гол на празна мрежа, Исланд израмни на 4:4.
Двапати по ред погоди Манасков од крилна позиција, но Јонсон со „бомба" донесе нов егал на осум минути до одморот. Првпат погоди Талески, Борко одбрани седмерец и првиот дел заврши со наша полза. Кире Лазаров го совлада Густафсон од линијата од седум метри и двапати од позиционен напад и на одмор заминавме со предност од 13:11.
Конфузниот почеток на вториот дел донесе серија на обострани грешки и тајм-аут на Раул при 16:16. Во 44. минута по голот на Арнасон, Исланд првпат поведе по почетните 0:1. Евидентно прочитан беше нашиот напад и при 16:18, Раул го искористи нашиот втор тајм-аут во вториот дел.
Талески со „бомба" намали и изнуди исклучување. Ристовски одбрани уште еден седмерец, но Исланѓаните како да имаа повеќе свежина и со +2 влегоа во последните десет минути. Следеше нашата реакција и голови на Пешевски и Поповски за израмнување (20:20). Во игра гол за гол се влезе во последните пет минути без предност за ниту една од двете селекции.
Кузмановски погоди за израмнување на 21:21, но потоа Исланд повторно дојде до „плус два", на крајот триумфирајќи со 24:22.
Покрај одличниот Ристовски на голот, најзабележителни во нашиот табор беа Манасков и Лазаров со по пет погодоци и Талески со четири постигнати гола.