Хрватска пресилна, Македонија првпат поразена на Мундијалот
Хрватска - Македонија 31:22 (16:11)
Македонската ракометна репрезентација го доживеа првиот неуспех на Светското првенство (СП) кое се игра во Германија и Данска и во рамки на третото коло од првата групна фаза доживеа пораз од фаворизираната Хрватска со 31:22.
Резултатот го отвори Муса со реализација од линијата по додавањето на Дувњак од зад грб. Следеше мајсторски вишок за Манасков и крилото на Веспрем брзо израмни (1:1). Карачиќ и Степанчиќ пронајдоа дупки во нашата одбрана за два разлика во петтата минута. Нашата игра со човек повеќе во поле нудеше зицери за кружните напаѓачи и крилата и Пешевски и Георгиевски одржуваа приклучок со хрватските ракометари. Кузмановски украде една топка и Манасков од контра напад израмни на 4:4 во 10. минута.
На одбраните на Шего возвраќаше Ристовски и натпреварот мина во вистинска битка на голманите и одбраните. Хрватската делуваше посигурно и целосно го уништи ефектот на играта со човек повеќе во поле. Раул повика тајм-аут во 21. минута при -4, но Шего бранеше во голем стил и на седум минути до одморот заостанувавме пет голови. Шего пак одбран зицер и Вранковиќ погоди на празен гол за 13:7. Со таква инерција заврши првиот дел, со предност на фаворитот со 16:11 и многу негативни вибрации во нашиот табор.
Бркотницата ја искористија Кире Лазаров и Талески и крушевчанецот погоди за 20:17 во 43. минута. Никако не успевавме да спуштиме под три разлика и искусната чета на Червар тоа знаеше да го контролира. Кога Дувњак погоди за +5, Раул повика минута одмор во 50. минута.
Таа предност беше доволна Хрватска да го приведе натпреварот кон крај до победа од 31-22. Дувњак со шест гола, Шипиќ, Мандиќ и Карачиќ со по четири гола беа најефикасни кај ппобедничкиот тим, а голманот Шего запиша 12 интервенции. Кај Македонија, Манасков даде шест гола, додека Кирил Лазаров заврши со четири гола.