Македонија загуби од Норвешка и се збогува со четвртфиналниот сон
Норвешка – Македонија 34:24 (10:12)
Во првиот натпревар од осминафиналето на Светското првенство во Франција, Норвешка ја победи Македонија со 34:24 (10:12) и по третпат ја остави пред вратите на четвртфналето. По овој пораз нашиот пласман на шампионатот ќе биде од 8 до 16 место.
Мечот започна со две исклучувања на Никола Маркоски и три гола по ред на Сагосен. Сепак и покрај збрканиот почеток Македонија се врати во натпреварот и израмни на 8:8. Дури и имавме два напади за водство, па Кирил Лазаров погоди за 8:9.
Но, во тој момент започнаа нашите технички грешки и со лесни голови на Мирхол и Јоханесон, на полувреме Норвешка замина со предност од 12:10.
Вториот дел започна катастрофално за нашата селекција и Мирхол и и Бјорнсен првпат на Скандинавците им донесоа +4. Почна да паѓа концентрацијата и Јондал во 34 минута погоди за 16:11. Нашата игра беше подложна на нови грешки и за првпат доцневме шест гола во 39 минута (20:14). Кога Танге погоди на ефектен начин, Червар побара тајм-аут при 21:14.
Предноста на Норвешка во еден момент достигна и +8, па невозможна мисија беше да се направи пресврт. Червар се обиде со Трајковски на голот, но разликата никако не се топеше. Така Норвешка со многу рутина го доби натпреварот со 34:24 и остана наша „црна мачка" на големите приредби.
Во македонската селекција најефикасни беа Кире Лазаров со 6 и Стоилов со 5 гола, а кај Норвежаните целиот тим играше разиграно и сите се запишаа во листата на стрелците.