Лазаров: Со седумнаесет грешки не може да се изненади Норвешка
Македонија го загуби првиот од трите натпревари во групната фаза во Краков, но Норвешка беше голем фаворит, па овој пораз беше очекуван иако е болен.
„Норвешка заслужи да победи, беа подобри од нас. Невозможна мисија е 60 минути да играме со нив како што игравме во првите 20 минути. Норвешка сепак е меѓу четирите најдобри на светот според мене. Ние имавме многу технички грешки, дури 17, што значи 17 контри за нив. Бевме добри 20 минути, но имавме проблеми не само во одбраната туку и во нападот. Не успевавме да ја пробиеме таа нивна зона 6-0. Во второто полувреме се обидовме малку да ги изненадиме со 7 на 6, бевме подготвени за таа варијанта, но потоа за пет минути отиде сѐ. Секако дека боли што е 12 разлика. Можеше да биде и 10 и седум и шест, но тоа е што е. Овој пораз мора да ни биде една лекција за Холандија и за Аргентина. Имаме уште два натпревари и ќе се фокусираме на нашата цел, а тоа е победи над двете", истакна Лазаров.
Утре е предвиден одмор и рекуперација и попладневен тренинг. Макеедонските ракометари в недела од 18:00 часот играат против Холандија, која попладнево убедливо ја совлада Аргентина.