Лазаров: Играме со седум дебитанти, но имаме голема самодоверба
Машката ракометна репрезентација на Македонија со мечот против Норвешка вечерва ќе го стартува Светското првенство во Шведска и Полска.
Селекторот на „црвено-жолтите" Кирил Лазаров пред денешниот меч во Краков вели дека тие се подготвени за ова Светско првенство.
„Ние сме подготвени за цело Светско првенство. Ова е еден меч со репрезентација за која не треба многу да се зборува. Норвешка во 2017 и 2019 играше финале на СП и незадоволни заминаа затоа што не освоија злато. Секако дека и овде ќе атакуваат на златото. Во спортот треба да веруваш и во невозможното. Денеска сме во таква позиција. Нема што да загубиме, туку може само да добиеме. Нема да се штедиме воопшто, ќе тргнеме да играме и да видиме до каде можеме. Сакам да нагласам дека оваа генерација и досега направи многу и само поради тоа на момците треба да им се даде поддршка. Поминавме големи репрезентации и ги минавме сите тие скептици кои не веруваа дека оваа генерација може да ја продолжи традицијата на настапи на големите натпреварувања. Што и да се случи денеска, ние треба да продолжиме по нашиот пат. Играме со седум дебитанти на ова првенство и треба да бидеме внимателни, но од друга страна имаме и голема самодоверба", потенцира Лазаров.
Натпреварот кој ќе се игра во „Таурон арената" во Краков е со почеток во 20:30 часот.