Младата Македонија го измачи фаворитот, Словенија едвај до победа во Дебрецин
Македонија - Словенија 25:27 (10:13)
Машката ракометна репрезентација со пораз од Словенија го почна настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка, кое претставува и почеток на нова ера за македонскиот машки ракомет. Македонија загуби од Словенија со 27:25, што уследи откако стана јасно дека Кире Лазаров нема да може да игра на првенството, туку ќе биде само во улогата на селектор.
Почнавме изненадувачки добро и Томовски брзо влезе во ритам на нашиот гол. Со головите на Талески и Цветан Кузманоски поведовме и во седмата минута имавме контрола. Потоа следуваше словенечка серија 6:0 и тајм-аут на Лазаров при 7:4. Македонија стрпливо ја градеше својата игра и со комбинации за пивотмените и крилата и „бомби" на Кузмановски се врати во игра. Во 24. минута Љубомир Врањеш повика минута одмор при 10:10. Збрканиот финиш со многу технички грешки подобро го искористија Словенците и со серија на Доленец и Скубе на одмор заминаа со +3. Голот на Филип Кузмановски со звукот на сирената не важаше, бидејќи е упатен кога истече времето предвидено за првиот дел.
Вториот дел почна со спектакуларен „цепелин" и гол на Кузмановски. Сепак, следеа технички грешки и брзо Јанц погоди за +5. Сепак, следеше одлична реакција, голови на Цветан Кузманоски и Филип Кузмановски и 19:18 во 39. минута. Сепак, Цехте и Благотиншек ја вратија предноста од +3 на влезот во последните десет минути. Сухолежник заработи три исклучувања и Македонија доби шанса да се врати во натпреварот. Сепак, Зарабец влезе во игра, словенечката одбрана не дозволи кам-бек и со 27:25 впиша победа на стартот.
Мартин Томовски со 14 одбрани беше извонреден и ги одржуваше нашите ракометари во игра, додека во нападот се истакна младото крило Кузманоски кое постигна дури осум погодоци, три повеќе од Кузмановски и четири од Филип Талески.
Во второто коло за два дена, Македонија ќе се сретне со Црна Гора од 18:00 часот.