Лазаров во последната секунда донесе победа против Украина
Македонија - Украина 26:25 (13:10)
Македонија со победа го почна Европското првенство, совладана е Украина во неочекувано драматичен финиш, Кире Лазаров и Никола Митревски се хероите од воведниот меч. Нашата репрезентација ја оствари целта, ги освоивме планираните бодови против Украина, но малку фалеше да направиме од готово вересија.
Македонија одигра одлично во првото полувреме, Никола Митревски царуваше на голот, на одморот заминавме со три гола позитива, 13:10.
Во знакот на Лазаров и Стоилов, одлично го отворивме вториот дел и првпат предноста достигна +5. И покрај осцилациите, предноста ја одржувавме, а Украинците не делуваа опасно. Нашиот противник профитираше од исклучувањето на Стоилов и намали на -2 на средина од вториот дел. Кога Чип погоди од контра напад, Брестовац побара минута одмор при 21:20.
Комок му одбрани двапати на Пешевски, а Остроушко со два гола првпат донесе израмнување во вториот дел (22:22). Следеа два гола на Манасков за +2 на седум минути до крајот. Митревски со три одбранети зицери го одби украинскиот напад. Сепак, Остроушко не се предаваше и погоди за 25:24 и исклучување за Поповски. Не реализиравме напад и Груковски израмни на половина минута до крајот. Сепак, Лазаров ефектно со звукот на сирената погоди за победа од 26:25 и први бодови во групата.
Никола Митревски имаше фантастична партија со 15 одбрани, дел од нив беа во финишот од натпреварот кога ни беше најтешко. Капитенот Кире Лазаров го постигна најзначајниот гол, и беше најефикасен со осум погодоци, Манасков даде пет, Стоилов и Талески по четири.
Утре е слободен ден за Македонија, следниот меч го играме во недела против Чешка од 16:00 часот.