Лазаров: Наша голема предност против Шпанија е што Раул ни е селектор
По успешната групна фаза во Загреб, Македонија од недела ги почнува натпреварите во Вараждин, противник ни е силната селекција на Шпанија. На два дена до натпреварот за новинарите зборуваше капитенот Кирил Лазаров.
„Седум години бев во Шпанија, повеќе или помалку ги познавам шпанските ракометари, нивниот начин и нивниот стил на игра, добро е тоа што ги имамe Раул и Парондо и тие ги познаваат, и мислам дека тоа ќе биде една голема предност за нас бидејќи имаме шпански двоец на клупата. Тука сум и јас да помогнам со драгоцени совети на индивидуален план со моите соиграчи. Нема многу да мудруваме и паметуваме. Ние сме во една добра ситуација.
И пред почетокот на првенството без да знаеме како ќе се одвиваат работите рековме дека без разлика на кој противник, дали играме со велесила или актуелен европски првак, ние на терен треба да излеземе само со една мисла, победа. Што се однесува до физичката гледна точка свежи ќе го дочекаме тој натпревар, очекуваме уште поголема поддршка од нашата публика. Салата е помала, тоа ќе го почувствуваме уште повеќе. Треба само да бидеме фокусирани и концентрирани на она што ќе се договориме, да не не понесе емоцијата, да останеме цврсто на земја иако е нормално и човечки после ваков прв круг мислите да отидат и на друго место, да мислиме на многу поголеми работи. Тоа не смее да си го дозволи ни една Франција што многу пати ги освојувала големите првенства, а камо ли ние. Здравствениот билтен е добар и се надевам дека в недела ќе излеземе и ќе го дадеме максимумот на терен. Дали тоа ќе биде доволно за победа ќе знаеме после мечот", истакна Лазаров по денешниот тренинг во Мурско Средишче.