Лазаров: Добро е што првенството е пак блиску до Македонија, ќе имаме голема поддршка
Денес во хотелот „Александар Палас" се собра репрезентацијата на Македонија, која оваа недела ќе се комплетира пред подготовките за Европското првенство во Хрватска. Од денес капитенот Кирил Лазаров е дел од избраните на селекторот Гонзалез и со оптимизам го чека шампионатот.
„Сакам да се навратам на некои работи што секогаш ги повторуваме. Ова е поспецифично натпреварување, бидејќи ќе се игра во Хрватска, близу до Македонија, па ќе имаме голем број навивачи. Како и секогаш ќе бидам оптимист, иако е прерано да се говори бидејќи ова е само почеток на подготовките. Нашата репрезентација е спој на младост и искуство. Во овој период тоа е добро за нас. Ние поискусните ќеим им помогнеме на помладите, тие ќе ни помогнат исто така нам. Европското првенство е поквалитетно од Светското, системот на натпреварување се игра на секои два дена и мора да се биде многу добро подготвен, како физички, така психолошки и тактички. Имаме играчи во добра форма што играат во добри клубови низ Европа, не е како порано што повеќето доаѓаа од Металург. Мора да гледаме позитивно и заеднички да се обидеме да направиме еден резултат", рече Лазаров.
Вечерва капитенот ќе го одработи првиот тренинг со групата. Нашата репрезентација ќе биде комплетна кога ќе пристигнат интернационалците од Германија во среда.
ФОТО: Филип Вирановски
www.gol.mk